Wednesday

ШВЕДСКИ ДНЕВНИК: Финале од првиот дел, задоволно и среќно


Првиот дел од моето шведско патешествие завршува со најубави емоции и прекрасно искуство (иако во снег и на минус 11, како што утринава го осамна теренот).

Да, првиот дел на кој второто продолжение се очекува од последната недела во април, ако се сложат коцките како што планираме и двете страни.

Но, најважно од се` во цела таа корелација е што се верификуваше уште еднаш, на сосем друго место на планетава, во сосем друг концепт на игра, мојот квалитет кој секогаш досега срамежливо го одбегнував да го потенцирам. Веројатно и токму затоа сега ми е уште помило и подраго што и официјално го слушам од луѓе кои првпат ги гледам и ме гледаат.
Ако дури и јас се сомневав по малку, дека ќе го видат најдоброто од мене, во толку краток период, сега веќе е минато. Го видоа најубавото македонско женско-фудбалско претставување, ми ја потврдија „одличната голманска техника, која ми била со одличен одраз и работа со двете раце подеднакво“ нешто што кога го чув за себе ми беше посебно драго, бидејќи пред многу години тоа беше еден од најлошите недостатоци „со оваа сум подобра, со онаа сум полоша“. За тоа можам да му бидам благодарна најмногу на мојот шпански учител, што го искорени лошото, а го усоврши доброто во двете раце. Да, и тоа дека сум била „исклучително офанзивен голман кој работи одлично во ситуации “1 на 1“ и “2 на 1““ посебно ми остави впечаток, бидејќи линиските голмани не се многу ценети, а сите што се занимаваме со оваа професија и знаеме зошто.

Затоа сите овие нивни зборови, веројатно ќе ми одѕвонуваат со уште поголем ентузијазам до стартот на првенството кога заеднички треба да одлучиме кои услови ќе ги прифатиме. Најинтересното од се` е што сите овие мои тренинзи ги следеа уште неколку скаути од шведскиот женски фудбал, па така на заминување добив контакт и од уште два клуба, Ånge IF и нивниот скаут и господин Стјуарт со друг фудбалски клуб од Умеа. 

Можам ли да бидам пресреќна и да се заблагодарам на сите кои ми ја даваа поддршката за да стигнам до тука? 

Да, можам и ќе бидам, во сите следни денови додека не го финализираме сиот овој исчекор. 

И на моите најблиски и на сите тренери и на сите оние со кои сум секојдневно во добро расположение и максимална љубов.
На крајот не можам да не спомнам дека сето ова за мене беше малку шок, од топлата Барселона каде во моментов се 25 степени, во ладната Шведска каде утринава беа измерени минус 11.

Но верувале или не, моето срце беше најтопло на свет. 

Не само поради доживувањето од сиот овој фудбал деновиве, туку најмногу поради несебичната поддршка, грижа и љубов од фамилијата која ја сметам за најзаслужна за моето шведско искуство. 

Да, фамилијата која овие 10-тина дена се грижеше за мене како да сум нивно дете, македонската фамилија во Шведска. 

Фамилијата Наскови, со потекло од Свети Николе, а веќе 23 години во оваа земја. 

Видан, професорот во шведско училиште кој работи и како фудбалски тренер, а претходно 12 години водел шведска женска фудбалска екипа. Човекот кој ги направи сите менаџерски контакти и човекот што прави за Македонија многу повеќе од овие ситни детали за кои јас пишувам. Неговата сопруга Наташа, професор во Училиште за козметика, а има и сопствен фризерски салон, која секојдневно ми ги полнеше батериите за да не го осетам студот од кој се плашев. И нивните две прекрасни деца, Елени која од мала играла фудбал, а сега е комплетно посветена на студиите по Социологија и Александар кој го продолжува спортот во фамилијата како хокеар. 

Прекрасната фамилија Наскови ми го топлеше срцето во сите мои шведски денови на ладно. 

Сега откога ги запознав и кога моето искуство го раскажувам на најблиските ми, добив уште поголема сатисфакција од луѓето кои слушнале за нив во Македонија, за нивната непроценлива благодарност, за нивната несебична хуманост и поддршка низ годините наназад. Дури сега слушам од македонци кои ги познаваат дека токму тој ист човек направил многу убави нешта за спортско Свети Николе, дека несебично потпомогнал многу спортски акции во градот од кои се корените на оваа македонска фамилија во Шведска. Исто како што најслучајно, што се вели „од нигде-никаде“ стапивме во контакт и се изнајдовме за да се пронајдеме во Шведска. 

Ако сите фамилии се барем половина од љубовта кои Наскови ја имаат кон Македонија и Македонците, тогаш со сигурност можеме да бидеме најгордата и најсреќната нација на планетата. 

Да! Со сигурност.

Затоа најголема благодарност за првиот мој дел во Шведска токму за нив.
А се надевам дека во вториот дел токму тие ќе бидат горди и на мене, бидејќи ќе го оправдам нивното залагање и поддршка, грижа и љубов кои ми ја подарија изминативе денови.

И знам дека нема да бидам само уште еден македонски спортист кој Видан го менаџирал од Македонија и го донел во Шведска (а има донесено многу фудбалери на кои им има обезбедено максимални услови за работа и живот), туку ќе оставам печат со кои ќе се горедееме сите.

Шведскиот дневник, тука не завршува... Продолжува наскоро, со љубов и посветеност во работата која ја работам во континуитет од моето детство и работата за која живеам - Фудбалот.

Monday

ШВЕДСКИ ДНЕВНИК: Се ближи денот на одлука


Дали ќе се остане во оваа прекрасна земја или ќе се вратам на Медитеранот, кој исто така не е вопшто лош...

Условите овде се прекрасни, што се однесува до инфраструктурата и Фудбалот-технички, организациски и во ниво на квалитет. Ладното го прави различен концептот, но и тоа е нешто што е само навика.

Денешните тренинзи само ја подгреваат цела моја желба за одење напред.
Задоволна од себе, а задоволни и сите останати од мене.

И повторно нови и интересни вежби и „еден на еден“ и „два на еден“. Ако пред да дојдам во Шпанија, „паѓањето“ ми беше една од понедефинираните страни (не велам лошо, но секогаш може подобро нели) сега веќе со новите лекции тука, го фаќам ритамот на уште поголемото подобрување. 

А „влегувањето во шут“ веќе ми се рафинираше на ново ниво со ентузијазам и активност „во глава“ слично на времето кога бев ептен млада и не размислував за последиците. Не знам, дали е тоа добро или е лошо, но знам дека ги собирам аплаузите за секој нов „влез во шут“. Бог нека ме чува, бидејќи имам уште многу да покажам по последниве лекции.

А утре напорно. Можеби и најнапорно...

Три тренинга. И тоа замислете е многу нормално за оваа втора шведска фудбалска лига.

Првиот во осум наутро,  па следниот во 11 и последниот во 17 часот. Едниот во Фудбалската Академија, па пауза за доручек и краток одмор и потоа во 11 исто така во Фудбалската Академија. Вечерниот во 17, во клубот на стадион.

Одам да одморам, а утре нов запис од моето шведско искуство...
Добра ноќ.

Thursday

ШВЕДСКИ ДНЕВНИК: Дури сега ги откривам шведските тајни за успех...

Втор ден тест за мојата душа, 
за емоциите, 
за целиот концепт 
со кој тргнав од Барселона кон Стокхолм.


За почеток знам едно.

Не им верувам на тие што ќе кажат дека Швеѓаните се ладни и негостољубиви. 

Камо среќа сите македонци да бевме толку љубезни и гостољубиви (сем на ФБ и во говор). А кога сум на темава не можам да го прескокнам ни тоа. Кога заминав од Леванте накај новово шведско искуство, забележав радост во очите на сите мои колешки од клубот. Сите ми се радуваа „што ги напуштам“, затоа што искрено ми посакаа да успеам уште повеќе. Но, во исто време потајно ќе ми шепнеа на увце, дека сакаат да „не успеам“ таму за да бидам заедно со нив во Барселона. 

Убаво чувство како и да е. 

Тоа е таа разлика од кај нас. Кога човек успева во Македонија, веднаш почнуваат да се плетат приказни кои одат од најниски страсти па до запенување на устата со погани зборови.

Во Шведска е исто како и во Шпанија.

Двете голманки на екипата, со задоволство ме гледаат. Максимална поддршка имам и од двете. Иако доаѓам како евентуално засилување и затоа ми ги даваат приоритетите во тренингот додека тие две се менуваат, не постои ниту еден миг на некаква одбивност или неприфаќање.

Затоа се чудам, како тоа ми се увртело во глава дека ние како народ сме најљубезни и најискрени. Можеби сме, поединци...но генерално, веројатно тие што тоа го кажале не ја запознале вистинската гостопримливост и искреност.

А што се однесува до тренинзите вечерва, ќе ги прескокнами ќе ги сочувам за мојата тетратка на нови квалитетни вежби, „како до посилен момент на брзина, рефлекс со раце и нозе во исто време“. Тајна (и лекција која ја научив вечерва) која со задоволство ќе ја поделам само со голманките кои ја сакаат професијата со цело срце.

Одам на заслужен одмор...денес беше исцрпувачки ден.

(ете ја и првата фотографија од вечерашниот тренинг, направена од човекот кој го менаџира моето доаѓање во Шведска)

Wednesday

ШВЕДСКИ ДНЕВНИК: Прв ден од моето ново фудбалско искуство


Денес започна моето Шведско искуство.
Една од најсилните лиги во Европа е предизвик што не би сакала да го пропуштам по ниедна цена, нормално. Не само дека е многу поквалитетна лига од шпанската туку едноставно, искуството овде мислам дека ќе биде бесценето и во моето искуство за подоцна, кога ќе треба да ја „одработувам“ УЕФА/ФИФА Тренерската Лиценца.

Па затоа одлучив да го споделам ова мое искуство и со сите мои пријатели кои можеби и ќе им биде и атрактивно сето тоа читање.

Денес ми беше првиот ден, ден на запознавање со екипата. Прекрасно. Љубезни, гостопримливи и пријатно задоволни од моето присуство. Ништо поразлично и од првиот контакт во Леванте ЛП.

Работевме тренинг во Фудбалската Гимназија. 

Со мене работеше и досегашната голманка на екипата, како и двајца голмани од машката екипа.
Работевме само исфрлување со рака, лева и десна. По земја и во воздух.

Подоцна работевме и со нога, нешто што во Македонија никогаш не обрнувавме внимание. Тоа беше една од работите кои ги имам усовршено во Шпанија (и можам да бидам секогаш само благодарна на мојот тренер во Леванте ЛП), бидејќи таму научив дека голманот не е ништо друго сем 11-ти фудбалер, секогаш подготвен за игра во и надвор од шеснаесетникот. Чисто информативно, овде не постојат оние „бековски“, ај да не речам, забранети се. Дури и незгодно ми е да пишам воопшто за нив, бидејќи тоа не постои ниту во шпанскиот, а во шведскиов па ни случајно.

Затоа и тренинзите се специфични за голманите. 
Рака, нога, во секој аспект игра, исфрлување и додавање.
Додавањата со нога во половина и преку половина, мора да бидат исто така прецизни како и со рака. Токму така, мислам на дегажирања со нога прецизни, исто како и со рака. Нешто што исто така го имав совладано во Шпанија, додека во Македонија тоа скоро и да не сме го работеле никогаш со таква посветеност и дисциплина.

Тоа е се`вежбање и понекогаш и макотрпен тренинг.

Последните вежби беа паѓање на лево и на десно, па преминавме на центаршут.

Во вториот дел од тренингот следуваше интересна вежба која ја изведува целата екипа и 4-те голмани. Двајца се на центар, а двајца се на гол. Голманите на центар мора да примат прво пас, па потоа да следи нападот, односно да ја фатиме со рака или да ја украдеме на напаѓачите од спротивната екипа. Многу добра вежба за просторно фокусирање и координација и рефлекс во игра.

На крај завршивме со игра на два гола. Првиот ден одличен, што се однесува до фудбалот. 

А што се однесува до самото аклиматизирање на шведските услови, ќе треба да помине малку време секако. Не е којзнае колку дадно, од што се плашев во смената со медитеранската клима во Барселона, туку ноќ/ден промените ќе биде интересното кое го очекувам како шок за мојот организам.

Одам малку да прошетам низ град... Веројатно и си заслужив после неколкуте добри и прецизни шута кои ги одбранив во играта на два гола, за кои и добив аплаузи. :-) Убав старт :-)

Се читаме утре после тренингот во 17 часот.

(фотографиите ќе следат наскоро, бидејќи сепак не сакам сликањето да ми ја одзема концентрацијата во овие стартни моменти)

Tuesday

ИМА ЛИ КРАЈ НА ТЕМНИЦАТА НИЗ КОЈА ОДИ ЖЕНСКИОТ ФУДБАЛ?

Селекторот го објави списокот на репрезентативки на кои планира за натпреварот во Логроњо против Шпанија, за уште едно „туристичко патување“ на женската фудбалска репрезентација. Да не ја знаев ситуацијата одвнатре можеби и ќе поверував на добрите намери, иако сме фудбалски таму каде што сме, на дното. Но, познавајќи ја многу добро целата ситуација, веќе ми е смешно, како некому воопшто му се дозволува и понатаму да функционира на истиот начин, со години на неуспех и движење по дното?

Зошто се прашувам токму тоа?

Прво, каде ли ги видел селекторот оние кои ги повикал кога цел женски фудбал во Македонија е во „зимски сон“, а ниту некој тренира под полна пареа и ниту пак има направено пријателски натпревари за да се направи селекцијата? Започнаа да тренираат пред една недела, додека првенството ни мирува. Но, ако сте добар познавач на женскиот фудбал во Македонија ситуацијата ви е одамна јасна.

Репрезентацијата, тој човек, ја користи за сосем нешто друго!

Селекторот на женската репрезентација всушност го подготвува Кочани за шампионска титула, а сите добро знаеме зошто баш Кочани. (и кога Кочани ќе стане шампион, настапува во ЛШ, ете ја и финансиската добивка подоцна, бидејќи тие што сме внатре точно знаеме како се движат работите и зошто женскиот фудбал во МК има само една цел, ЛШ - ништо друго, бидејќи се` друго е само „трошење пари“) 

А Оризари кои се во „мртва трка“ со Кочани, имаат само една повикана фудбалерка!?
Да не споменувам дека Оризари во македонскиот шампионат ги победија токму фудбалерките на Кочани кои се викнати во репрезентација скоро сите, па дури и нивниот резервен голман??? Просто чоек да не знае дали да се смее или да плаче? 

Од друга страна пак, во Оризари има врвни фудбалерки кои можат само да бидат од помош во ваков натпревар против Шпанија, не само поради искуството туку и со нивните лидерски и фудбалски квалитети. А токму селекторот и тоа го знае, но во случајов е подготвен да даде милион образложувања „зошто одлуката е таква“, а во исто време да знае и самиот дека „не е така“. 

Да потсетам, единствен пат кога селекторот викнал 12 фудбалерки од еден ист тим беше во квалификациите за ЕП кога беше целиот состав на „Наше Такси“ плус интернационалките. И тогаш направи успех, за кој се пишуваше како изненадување дури и на страната на УЕФА. Да, но разликата од тоа до ова е што тогаш тимот на „Наше Такси“ НЕ ПРЕСТАНА со тренажниот процес во ниту еден ден од зимата и беше во топ форма и со пријателските натпревари кои ги имаше еднаш до двапати неделно и со континуитетот на тренинизите (и надвор и во сала), што досега ниту една екипа го нема повторено!

Единствено е добро што селекторот изјавил дека знае дека Шпанија е во полна натпреварувачка сезона без прекин од август до ден-денес. Тоа значи дека на некој начин е свесен што ќе му се случи поради неговите манипулирања. 

Ако некогаш имав мал внатрешен немир од моето „неповикување“ како единствена голманка која не престанала да тренира во ниеден ден од сезоната и ги постигнала досега најголемите успеси (на позицијата голман) од Македонија (мислам на титулите „играч на натпреварот“ што за голман во женски фудбал е скоро незамисливо), денес сум на некој начин и среќна.

Ова не го пишувам поради некакво си незадоволство, бидејќи знам дека додека е тој човек селектор јас никогаш нема да бидам дел од репрезентацијата, поради неговите фрустрации (што бев единствена која и јавно проговорив што се` прави и зошто) и поради на некој начин „што ја одработувам казната“ за непремолчувањето на „случувањата“ што за првпат и јавно пред неколку години ги „откри“ мојот сопруг. 

Напротив, среќна сум поради тоа денес.

Едноставно е зошто сум среќна, затоа што го сакам фудбалот и живеам само за него.
А токму уште само краток интервал „без репрезентативни настапи“ и истекува моето 2 годишно „репрезентативно паузирање“ (колку што е тој селектор). Потоа веќе имам право да прифатам една од понудите за промена на репрезентативниот дрес. Единствено ќе ми биде жал што бев принудена само поради еден човек кој не заслужува воопшто да се занимава со спортски активности, да бидам наскоро дел од друга репрезентација и повторно најпрофесионално да застанам на голот во квалификаци за Европските и Светски првенства.

Но, македонскиот фудбал и понатаму ќе го следам со најголемо внимание и желба за успех, бидејќи има многу фудбалерки кои заслужуваат еден ден да се најдат на најголемиот фудбалски собир.