Tuesday

ИМА ЛИ КРАЈ НА ТЕМНИЦАТА НИЗ КОЈА ОДИ ЖЕНСКИОТ ФУДБАЛ?

Селекторот го објави списокот на репрезентативки на кои планира за натпреварот во Логроњо против Шпанија, за уште едно „туристичко патување“ на женската фудбалска репрезентација. Да не ја знаев ситуацијата одвнатре можеби и ќе поверував на добрите намери, иако сме фудбалски таму каде што сме, на дното. Но, познавајќи ја многу добро целата ситуација, веќе ми е смешно, како некому воопшто му се дозволува и понатаму да функционира на истиот начин, со години на неуспех и движење по дното?

Зошто се прашувам токму тоа?

Прво, каде ли ги видел селекторот оние кои ги повикал кога цел женски фудбал во Македонија е во „зимски сон“, а ниту некој тренира под полна пареа и ниту пак има направено пријателски натпревари за да се направи селекцијата? Започнаа да тренираат пред една недела, додека првенството ни мирува. Но, ако сте добар познавач на женскиот фудбал во Македонија ситуацијата ви е одамна јасна.

Репрезентацијата, тој човек, ја користи за сосем нешто друго!

Селекторот на женската репрезентација всушност го подготвува Кочани за шампионска титула, а сите добро знаеме зошто баш Кочани. (и кога Кочани ќе стане шампион, настапува во ЛШ, ете ја и финансиската добивка подоцна, бидејќи тие што сме внатре точно знаеме како се движат работите и зошто женскиот фудбал во МК има само една цел, ЛШ - ништо друго, бидејќи се` друго е само „трошење пари“) 

А Оризари кои се во „мртва трка“ со Кочани, имаат само една повикана фудбалерка!?
Да не споменувам дека Оризари во македонскиот шампионат ги победија токму фудбалерките на Кочани кои се викнати во репрезентација скоро сите, па дури и нивниот резервен голман??? Просто чоек да не знае дали да се смее или да плаче? 

Од друга страна пак, во Оризари има врвни фудбалерки кои можат само да бидат од помош во ваков натпревар против Шпанија, не само поради искуството туку и со нивните лидерски и фудбалски квалитети. А токму селекторот и тоа го знае, но во случајов е подготвен да даде милион образложувања „зошто одлуката е таква“, а во исто време да знае и самиот дека „не е така“. 

Да потсетам, единствен пат кога селекторот викнал 12 фудбалерки од еден ист тим беше во квалификациите за ЕП кога беше целиот состав на „Наше Такси“ плус интернационалките. И тогаш направи успех, за кој се пишуваше како изненадување дури и на страната на УЕФА. Да, но разликата од тоа до ова е што тогаш тимот на „Наше Такси“ НЕ ПРЕСТАНА со тренажниот процес во ниту еден ден од зимата и беше во топ форма и со пријателските натпревари кои ги имаше еднаш до двапати неделно и со континуитетот на тренинизите (и надвор и во сала), што досега ниту една екипа го нема повторено!

Единствено е добро што селекторот изјавил дека знае дека Шпанија е во полна натпреварувачка сезона без прекин од август до ден-денес. Тоа значи дека на некој начин е свесен што ќе му се случи поради неговите манипулирања. 

Ако некогаш имав мал внатрешен немир од моето „неповикување“ како единствена голманка која не престанала да тренира во ниеден ден од сезоната и ги постигнала досега најголемите успеси (на позицијата голман) од Македонија (мислам на титулите „играч на натпреварот“ што за голман во женски фудбал е скоро незамисливо), денес сум на некој начин и среќна.

Ова не го пишувам поради некакво си незадоволство, бидејќи знам дека додека е тој човек селектор јас никогаш нема да бидам дел од репрезентацијата, поради неговите фрустрации (што бев единствена која и јавно проговорив што се` прави и зошто) и поради на некој начин „што ја одработувам казната“ за непремолчувањето на „случувањата“ што за првпат и јавно пред неколку години ги „откри“ мојот сопруг. 

Напротив, среќна сум поради тоа денес.

Едноставно е зошто сум среќна, затоа што го сакам фудбалот и живеам само за него.
А токму уште само краток интервал „без репрезентативни настапи“ и истекува моето 2 годишно „репрезентативно паузирање“ (колку што е тој селектор). Потоа веќе имам право да прифатам една од понудите за промена на репрезентативниот дрес. Единствено ќе ми биде жал што бев принудена само поради еден човек кој не заслужува воопшто да се занимава со спортски активности, да бидам наскоро дел од друга репрезентација и повторно најпрофесионално да застанам на голот во квалификаци за Европските и Светски првенства.

Но, македонскиот фудбал и понатаму ќе го следам со најголемо внимание и желба за успех, бидејќи има многу фудбалерки кои заслужуваат еден ден да се најдат на најголемиот фудбалски собир.